АД ЕСМ: ФЕ Осломеј 1 ќе произведува 15-17 GWh струја годишно, доволни за околу 2.800 домаќинства

Фотонапонската електрана на АД ЕСМ изградена во кругот на РЕК Осломеј со моќност од 10MW e прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа во кој електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени врз стар, исцрпен рудник за јаглен, соопштија од АД ЕСМ.
Оваа електрана што е пуштена во пробно производство, е прва во низата електрани кои треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК Осломеј.
Крајната цел на овој проект е рударско-енергетскиот комбинат кој има инсталирана моќност од 120MW да биде заменет со сончеви електрани со еднаква инсталирана моќност од 120MW.
Европската енергетска заедница го препорачува овој пример во други земји во регионот каде се спроведува енергетска транзиција.
Електраната веќе ги дава првите киловати електрична енергија во системот и АД ЕСМ и официјално го прошири своето портфолио на обновливи извори, и сега покрај енергија од ветер, се произведува и електрична енергија од сонце.
Вкупното годишно производство на ФЕ Осломеј 1 ќе изнесува 15-17 GWh, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства.

„ФЕ Осломеј 1 е во целосна сопственост на АД ЕСМ, изградбата чинеше 7 милиони евра, од кои дел беа сопствени средства, а дел се кредитна линија од Европската банка за обнова и развој“, информираа од АД ЕСМ и додаваат дека, проектот на транзиција продолжува со фотонапонска електрана Осломеј 2 од 10MW која е во фаза на подготовка на документација и со подготвителни работи за почеток на изградбата на две електрани по 50 MW со јавно-приватно партнество со компаниите Соларпро-Бугарија и Фортекс-Турција.