АД ЕСМ на инаугуративната работилница и лансирање на проектот Феникс

Директорката на сектор за правни и општи работи во АД ЕСМ, Душица Сеизовска Јовановиќ беше дел од инаугуративната работилница и лансирање на проектот на Стејт департментот на САД, Проектот Феникс (Project Phoenix), каде САД заедно со Министерството за економија на Република Словачка беа домаќини во Братислава, Словачка.

Проектот Феникс има за цел да ја забрза транзицијата кон чиста енергија преку замената на постројките на јаглен во безбедни мали модуларни нуклеарни реактори (SMR) со користење на постојната инфраструктура и преквалификација и задржување на локалните работни места.

Проектот Феникс е имплементиран од Основната инфраструктура на Стејт департментот на САД за одговорно користење на технологијата на мали модуларни реактори – или FIRST – програма.

На работилницата присуствуваа високи владини претставници, ескперти од нуклеарната индустрија, академската заедница, невладините организации, младинските активисти за климатските промени и останати засегнати страни од цела Централна и Источна Европа и Евроазија. Настанот даде единствена можност за вмрежување, размена на искуства и подлабоко навлегување во тоа како SMRs може да го забрзаа намалувањето на јаглеродот.

„Актуелниот енергетски систем на Република Северна Македонија во контекст на идниот развој на производниот систем ги следи целите на Енергетската заедница. Тоа значи да се постигне декарбонизација на електроенергетскиот систем и да се зачува животната средина за да се има одржлив  енергетски систем. Една од опциите за иден енергетски развој е нуклеарната опција и SMR се соодветна технологија за мал  електроенергетски систем. Оваа опција е голем предизвик за македонската економија и енергетскиот сектор од различни аспекти како, човечки ресурси во нуклеарната технологија, избор на локација, финансирање на проектот, циклус на нуклеарно гориво, третман на нуклеарен отпад и многу други прашања. Економијата на секој голем енергетски проект зависи од националните или дури и локалните услови, вклучувајќи ги капиталните трошоци, работната сила и материјалите, регулаторната средина и достапноста и трошоците за алтернативни технологии за производство“, потенцираше Директорката Душица Сеизовска Јоваовиќ

Од 1994 година, Северна Македонија стана членка на организацијата МААЕ и има активно учество во активностите за нуклеарни прашања. Главните активности се во енергетското планирање во идниот енергетски микс на снабдување за земјата вклучувајќи ја и нуклеарната опција. Во настаните, обуките и работилниците за теми од енергијата и SMR технологијата се вклучени и луѓе од академијата и другите компании.