АД ЕСМ: Владата преку АД ЕСМ ги субвенционира сметките на граѓаните за електрична енергија

Реакција од АД ЕСМ на изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:

АД ЕСМ испорачува поевтина електрична енергија кон ЕВН Хоме по одлука на Владата, како антикризна мерка со која се субвенционираат сметките за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи, и сметките за топлинска енергија во градот Скопје.

Средствата во разликата на цените му се надоместуваат на АД ЕСМ преку средства од државниот буџет. Со посебни одлуки на Владата АД ЕСМ доби задолженија, надвор од законската обврска, да ги снабдува со поевтина електрична енергија и техничките загуби на ЕВН Електродистрибуција, МЕПСО, училишта, прехранбена индустрија, водостопански комунални претпријатија, болници, витални државни институции итн.

Се поставува прашањето дали доколку партијата на Христијан Мицкоски дојде на власт, државната политика ќе биде пазарно работење на АД ЕСМ и оставање на граѓаните, институциите и фирмите сами да ја плаќаат електричната енергија по нејзините пазарни цени во услови на енергетска криза, додека државната компанија да остварува профит?

Исто така, останува фактот дека во периодот кога Мицкоски бил директор на АД ЕСМ, спроведувал набавки на електрична енергија по цени како во сегашната енергетска криза, во време кога криза немало.

На крај, потсетуваме дека финансиски најдобрата година во постоењето на АД ЕСМ беше 2018г., која беше завршена со добивка од 29.827.097 евра.