АД МЕПСО вечерва излезе со реакција по информацијата дека поради испад на далновод на МЕПСО без напојување со струја останал Блок 1 во РЕК Битола.
Од АД МЕПСО информираат дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето.
– По последниот испад кој без напојување го остави Блок 1 во РЕК Битола, а за кој прстот на одговорност овој Комбинат веднаш и неосновано го впери кон АД МЕПСО, нашата компанијат одлучи да излезе со соопштение со прецизен и објективен приказ на настаната ситуација. Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далекуводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето, нагласуваат од АД МЕПСО.
Оттаму велат дека ваквиот чекор да се префрли одговорноста за испадот во РЕК Битола врз АД МЕПСО во најмала рака го сметаат како неоправдан и тенденциозен, но пред се како обид за прикривање на интерните проблеми.
Претходно, од АД ЕСМ беше испратена информација до медиумите дека комбинатот РЕК Битола работи само со еден блок -Блокот 3, откако поради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја останал Блокот 1.
-Попладнево, околу 16:45 часот заради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја остана Блок 1 на РЕК Битола, по што постојката испадна од мрежа. Комбинатот продолжува да работи со еден блок, Блок 3, до повторно ставање во функција на Блок 1, наведоат од ЕСМ