Адеми:нема да дозволиме ниту едно дете да остане на улица

Одлуката што МОН ја донесе вчера за прием на сите ученици што сакаат да се запишат во гимназијата „Орце Николов“, иако се надмина квотата од Конкурсот, нема да влијае на определбата за поголема поддршка и афирмација на средното стручно образование за што Министерството спроведува и кампања.

Министерот Арбер Адеми во изјава за медиумите рече дека оваа година се соочиле со таква ситуација во „Орце Николов“ и „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје и во „Димитар Влахов“ во Струмица, но дека не се работи за голем број ученици.
-Нема да дозволиме ниту едно дете да остане на улица, а особено кога се работи за најуспешни ученици со континуиран одличен успех 5.0, рече Адеми.

По првиот јунски упис на 17 и 18 јуни, МОН соопшти дека 4464 се запишале во гимназиите и 7000 во стручните училишта. Второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни.