Адеми од трибина на ДУИ: Трајанов и сличните нему се против европскиот фронт

Координаторот на пратеничката група на ДУИ и потпретседател на партијата, Арбер Адеми синоќа од партиска средба со симпатизери од тетовските шарпланински села упати порака дека коалицискиот партнер Павле Трајанов е против создавање на сојуз „За Европа“ бидејќи, рече, просто – математички брои функционери Албанци. Адеми реагира на изјавата на Трајанов според која тој би поддржал проширување на Владата со Алијанса за Албанците доколку не се наруши „правичната етничка застапеност“ и доколку само ДУИ на Алијанса ѝ отстапи свои позиции во власта.

„Нашиот лидер Али Ахмети има за цел да се постигне напредок во општеството, младите иднината да ја гледаат тука, за тоа ни е потребен и сојуз внатре во земјата за да се отворат вратите на ЕУ. Не ни е потребен сега луксуз па да го сопираме европскиот пат заради партиски интереси. И не треба сега да ѝ се наштети на партиската организација на ДУИ. Но, од друга страна, слушнавме ‘хејтерска’ изјава на Павле Трајанов, како и на некои други, кои велат дека можело да има најмногу пет или шест Албанци како министри. Со нивната ‘правична  заастапеност“ тие се прикажуваат дека се против создавање на заеднички европски фронт. Но ние можеме и треба да го следиме нашиот претседател кој работи на унапредување на позицијата на Албанците, но и на сите луѓе во општеството, затоа повикуваме на единство, не на поделба“, рече Адеми.

„Со еден старец разговаравме за 2001 година. Тој мене ми даде многу добра реплика. Правиш грешка, ми рече. Времето не треба да се дели на тоа пред и тоа по војната, туку на времето пред и по Али Ахмети“, рече во своето обраќање Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ.

„Ве охрабрувам да го поддржиме фронтот ‘За Европа’ низ оваа пред-кампања, затоа што оваа земја и овој народ заслужуваат да бидат во Европа, Но, без да ги напишеме нашите домашни задачи таа работа ќе оди многу тешко. Затоа ни е потребно единство во политиката, единство во државата“, рече во обраќањето пред членовите, симпатизерите и граѓаните на неколку села над Тетово лидерот на ДУИ, Али Ахмети.