Ѕвездата на Милвоки Бакс, 28-годишниот Јанис Адетокумбо го продолжи договорот со франшизата на три години, објавија американските медиуми.
ESPN објави дека двократниот накорисен играч во сезоната во НБА лигата се согласил на тригодишно продолжување во вредност од 186 милиони долари. Продолжувањето започнува со сезоната 2025/26, што значи дека Адетокумбо е под договор уште најмалку четири години, и петта доколку е согласен. Тој ќе заработи околу 94,4 милиони долари во следните две сезони, а потоа околу 120 милиони долари повеќе за сезоните 2025/26 и 2026.27.
„Продолжено“, напиша 28-годишниот играч на својот X профил, без да ја спомене сумата или времетраењето на договорот. Неговиот агент Алекс Сарацис потврди дека договорот е потпишан.
Адетокумбо ги предводеше Бакс до шампионатот во НБА во 2021 година, и двапати беше прогласен за МВП на регуларниот дел од сезоната (2019, 2020 година). Минатата сезона имаше просек од 31,1 поен, 11,8 скока и 5,7 асистенции.
Милвоки се засили во септември со потпишувањето на Демијан Лилард, кој пристигна од Портланд во голем трејд со играчи. Лилард, кој ги играше сите единаесет сезони во НБА во дресот на Портланд, во јули побара промена на клубот и желбата му се исполни. Три клуба учествуваа во трејдот, заедно со Портланд и Милвоки и Феникс.
Новата НБА сезона започнува во ноќта од вторник кон среда, а Милвоки е меѓу главните фаворити за титулата.