![адком](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/adkom.png?resize=696%2C453&ssl=1)
Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ), кое обединува 90 јавни комунални претпријатија во државата, апелира Владата да помогне во справувањето со последиците од економската криза која се чувствува и во нивното работење, во спротивно најавуваат дека ќе мора да ги покачат цените на услугите што ги нудат.
-Поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија, растот на цената на горивата кој е речиси 100-процентен и инфлацијата чие ниво е алармантно имаме драматично зголемување на трошоците во нашето работење. Како претпријатија даватели на комунални и водоводни услуги имаме обврска спрема граѓаните да продолжиме да ги остваруваме услугите на потребното ниво и покрај сите макроекономски предизвици со кои се соочуваме, изјави Пеце Милевски претседател на АДКОМ.
Тој нагласи дека повеќе години цената на услугите кои ги нудат за граѓаните е на исто ниво, а, како што рече, трошоците за електрична енергија се покачени од три до пет пати, додека цената на горивата се зголеми двојно во споредба од пред година и половина.
-Нашите биланси се на работ на издржливоста и во една таква ситуација излезот е или покачување на цената на услугите, што не е наша цел бидејќи тоа ќе падне на товар на граѓаните, или системска помош од Владата како начин заеднички да го заштитиме стандардот на граѓаните и да се избегне банкрот или прекинување на давање на услуги, рече Милевски.
Нагласи дека бараат Владата да им излезе во пресрет и да обезбеди финансиска помош преку блок дотации за покривање на дел од загубите, односно да ја покрие разликата меѓу планираните и фактички настанатите трошоци за електрична енергија.
Побара Владата да ја има во предвид и, како што рече, најсуштествената област, а тоа е, посочи, цената за вода за пиење и собирањето на сметот. Со тоа, додаде, ќе се избегне уште еден ценовен удар кој би значел повисоки сметки за граѓаните на кој рече дека ќе бидат приморани членките на АДКОМ доколку нема слух за нивните барања.
-Упатуваме апел за соработка, сакаме дијалог за да ја пребродиме што побрзо и што подобро оваа криза која според укажувањата не очекува сите нас, порача Милевски.