Администрацијата ќе учи како да не мами при трошењето на јавни пари

Европската унија со 35.000.000 евра ги поддржува реформите во секторот јавни финансии во земјава со цел да се создаде ефикасен и транспарентен систем кој ќе овозможи поодговорно управување со јавните средства и намалување на ризиците за измама и корупција.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, ефикасниот и транспарентен систем за јавни финансии е предуслов за економскиот раст на секоја држава. Со таков систем се намалуваат ризиците од измама и корупција и се враќа довербата на јавноста дека јавните пари се трошат во интерес на граѓаните.

– Токму затоа реформите во јавниот сектор се клучен столб во процесот на пристапување кон ЕУ. Поглавјето 32 за финансиска контрола заедно со поглавјата за правда и за внатрешни работи вообичаено се меѓу првите што се отвораат при преговорите за членство во ЕУ. Реформирањето на управувањето со јавните финансии е процес полн со предизвици кој бара постојани политички заложби, носење на тешки одлуки и цврста координација меѓу клучните институции во секторот, вклучувајќи ги меѓународните финансиски институции и граѓанското општество – порача евроамбасадорот при денешното презентирање на резултатите што произлегуваат од поддршката обезбедена од ЕУ.

Постојните обуки на персоналот на буџетски корисници на централно и на локално ниво и новата Академија за јавни финансии, смета Гир, ќе дадат придонес кон градењето на транспарентен систем на јавни набавки, но потребни се и понатамошни напори за да се изгради фискална транспаретност и јавна доверба во институциите.

– Ова последново секогаш е најголем предизвик. На база на овие реформи ќе биде усвојувањето и ефикасната имплементација на новиот Закон за буџетирање на органите и Законот за внатрешна финансиска контрола. Иако е комплексна и полна со предизвици, сепак ефикасната примена на реформата на управувањето со јавните финансии ќе имаат директна корист за граѓаните. На тој начин, тие ќе знаат како се трошат нивните пари и тие ќе одговорат со поголема доверба и одговорност. Значи, не треба да ја изгубиме можноста да напредуваме за оваа реформа и покрај економските и општествени предизвици што се предизвикани од пандемијата – рече Гир.

Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп смета дека реформите низ кои поминува земјава се неопходни и оти е потребна цврста политичка заложба.

– Тешката промена на менталитетот и потешкотиите со имплементацијата бараат строга политичка заложба и лидери кои се ориентирани кон реформи кои се способни за управување  –  рече холандскиот амбасадор.

Од Министерството за финансии посочуваат дека управувањето со јавните финансии е еден од приоритетите и оти и покрај пандемијата, сепак се имплементирани голем број активности.

– Мораме да имаме консензус дека треба да имаме цврсто управување со јавните финансии за макроекономска стабилност и предвидливост на економијата во земјата. Токму затоа ова го гледаме како долгорочно упатување и навистина го цениме она што граѓаните на ЕУ го прават за нас – рече Бесими.

Академијата за јавни финансии, смета Бесими, ќе овозможи постојани обуки за вработените со цел да се создаде модерна администрација која ќе може да испорачува брзи и квалитетни услуги за граѓаните и бизнис секторот.