Администрацијата на Бајден бара од Конгресот да ја одобри продажбата на гранати на Израел

Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да ја одобри продажбата на 45.000 гранати за израелските тенкови „Меркава“ коишто наводно ќе ги користат во нападите врз Хамас во Појасот Газа, според четири извори на агенцијата Reuters, меѓу кои и сегашен и поранешен американски функционер.

Потенцијалната продажба, вредна повеќе од 500 милиони долари, не е дел од барањето на американскиот претседател Џо Бајден од 110,5 милијарди долари, кое вклучува финансирање за Украина и Израел. Барањето е под неформално разгледување во комитетите за надворешна политика на Сенатот и на Претставничкиот дом, што на нивните членови им овозможува да ја одложат продажбата или да ги искажат своите грижи на администрацијата во неформални разговори

Стејт департментот бара од двата комитета брзо да ја одобрат трансакцијата, според актуелниот американски функционер Џош Пол, поранешен функционер на Стејт департментот, додека од друга страна има растечки критики за употребата на американско оружје во конфликтот во Појасот Газа.

„Тоа беше испратено до комисиите претходно оваа седмица и тие треба да имаат 20 дена да го разгледаат израелскиот случај. Стејт департментот врши притисок врз нив да го решат веднаш“, вели Пол, кој поднесе оставка од својата функција во Стејт департментот во октомври поради, како што рече, „слепата поддршка“ на администрацијата (на претседателот Бајден) на Израел.

Администрацијата, исто така, разгледува и можност да дозволи продажба на 13.000 од 45.000 гранати според вонредната одредба на Законот за контрола на извозот на оружје за да се заобиколат комитетите, рекле двајца американски претставници, додавајќи дека сè уште не е донесена конечна одлука. Овој потег ќе му овозможи на Израел да се подготви со оглед на високата тензија во регионот, рече еден од официјалните лица.

Портпаролот на Стејт департментот рекол дека „нема да ги потврди или коментира предложените трансфери или продажби, сѐ додека Конгресот „за тоа не е известен“.

Сенаторот Крис Ван Холен, демократ во Комитетот за надворешни работи, рече дека позицијата на Конгресот е клучна во големата продажба на оружје. „Администрацијата не требало да разгледува можност за заобиколување на веќе и онака кусиот рок за разгледување од Конгресот, во овој или кој и да е друг трансфер на оружје“, рече тој.

На снимките од Појасот Газа се гледа како Израел редовно распоредува дополнителни тенкови „Меркава“ во нападите на Газа и на јужната граница со Либан, во конфликтот започнат на 7-ми октомври.