Украинската противофанзива против руските сили се покажа тешка поради мините и другите пречки, но претпазловоста на украинските сили е исправна, изјави и понеделникот највисокиот воен функционер на НАТО, адмиралот Роб Бауер.
„Противофанзивата е тешка. Не треба да се мисли дека ова е лесен чекор. Тоа никогаш нема да биде така“, изјави холандскиот адмирал Роб Бауер за новинарите во Брисел, кој е претседател на воениот комитет на НАТО.
Украинските сили, според него, се соочуваат со одбранбени препреки понекогаш длабоки и до 30 километри додека се обидуваат да ги пробијат руските линии, а Бауер се повикува и на историска споредба за да го изнесе своето тврдење и став.
„Видовме во Нормандија во Втората светска војна дека на сојузниците им беа потребни седум, осум, девет седмици вистински да ги пробија линиите на Германците. Затоа, не е изненадувачки што тоа не оди брзо“, истакна Бауер.
Агенцијата Rеuters пишува дека сателитски снимки кои во април ги имала на увид наводно покажувале дека Русија подигнала големи утврдувања, ровови, бариери за тенкови и други борбени возила и други препреки за да забави секакво украинско напредување.
Ставовите на адмиралот Бауер се слични на оние на началникот на Здружениот штаб на армијата на САД, Марк Мили, кој во петокот изјави дека противофанзивата на Украина ќе биде „многу, многу тешка“ и „многу, многу крвава“.
Бауер истакна дека украинските сили се во право кога претпалзиво постапуваат за да избегнат тешки загуби додека испитуваат можни точки за пробивот на фронтот.
„Исклучително е тешко во ваквиот тип операции. Мислам дека начинот на кој тоа го прават е за пофалба“, истакнува офицерот на НАТО.
Смета дека украинските сили „не треба да бидат пристискани и да се критикуваат зошто не дејствуваат побрзо“. „Ова е многу, многу тешко време за нив“, рече Бауер.