Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) го исклучи Аднан Ќахил од партијата и побара од премиерот Зоран Заев негово разрешување од функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции.
„Ваквата одлука е природен епилог кој произлегува од неприципиелното дејствување на Ќахил, кој не само што ги отфрла програмските одредби и статутот на ТХП туку и со својот неетички и недемократски пристап го нарушува угледот на партијата и етничката заедница што ја претставува. Статутот и вредностите на ТХП наложуваат исклучување на секој член кој ќе работи спротивно од интересите на партијата“, велат од партијата.
Истовремено, додаваат од таму, санкционирани се и другите членови кои беа инволвирани на слични противстатутарни акти.
„Со оваа одлука раководството на ТХП уште еднаш на дело покажува дека и во понатамошното делување ќе има нулта толеранција на деструктивни личности и несовесно работење“, велат од партијата.