Уште еден доказ предложен од охридското Обвинителство против обвинетиот Илија Спасевски беше доставен до судот, во случајот со претепување на Христијан Пендиков. ПОради тоа, адвокатите на обвинетите побараа одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ. Но, судијата Бојан Мартиноски не го дозволи тоа.
Поради тоа, адвокатите на обвинетиот ја напуштија судницата, а судењето без нив не можеше да продолжи, па истото се одложи за 12 јули.
„Потребно ни е време за проучување на дополнителното вештачење, евентуално ангажирање на технички советник, за потоа да се произнесеме. Ова го барам бидејќи при сослушување на оштетениот Пендиков, ќе зависат и прашања во однос на констатирани повреди“, рече адвокатот на првообвинетиот Илија Спасески, Димитрија Цобoски.
„Неосновано е барањето за одлагање на сослушување на сведоците, особено што оштетениот специјално дојде од Бугарија“, рече обвинителката од ОЈО-Охрид.
„Таа заборава дека Пендиков е и македонски државјанин, дека има обврска да се јавува во судот доброволно. Тоа што моментално престојува во Бугарија е негов проблем. Не е тоа проблем на судот и одбраната“ и возврати адвокатот, пренесува „Макфакс“.
„Се одбива предлогот. Ако се укаже потреба за повторно повикување на оштетениот, по оценка на судот, тој повторно ќе биде повикан. Поради начелата за ефикасност, продолжуваме“, рече на тоа судијата Бојан Мартиноски.
„Со ова се кршат правата на обвинетиот. Поради ова ќе ја напуштам судницата“, повторно зема збор адвокатот Димитрија Цобoски.
„Сакам бранител адвокат. Ќе го користам правото да изнесам одбрана преку бранител адвокат. Барам одлагање“, рече обвинетиот Илија Спасески.