Адвокатите на Трамп денеска завршуваат со презентација на одбраната во судот за импичмент

Во настапот на одбраната синоќа во судот за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп, импичментот беше опишан како „предизборно оружје“ кое го користат партиите меѓу себе и оти демократите во Претставничкиот дом гласале за импичмент на Трамп без надпартиска поддршка.

Адвокатите на Трамп денеска ја завршуваат презентацијата на аргументите во процесот за импичмент во Сенатот, по што се очекува гласање „за“ или „против“ покана на сведоци во постапката.

Засега е неизвесно дали ќе биде дозволено повикување сведоци.

Кенет Стар, најистакнатиот член од адвокатскиот тим на одбраната, во својот говор даваше правно-историски аналогии за неисправноста да се урне легитимно избран претседател.

Од друга страна пак, тој беше дел од независниот совет чија истрага водеше до отповикување на поранешниот претседател Бил Клинтон, демократ, во 1998 година. Клинтон беше отповикан за лажење на Големата порота за неговите секс скандали направени за време на извршување на функцијата.

Одбраната на претседателот Трамп го обвини демократите за злоупотреба на импичментот како алатка за неговото отстранување од функцијата само затоа што не им се допаѓа.

Според Стар, импичментот е „предизборно оружје“ кое го користат партиите меѓу себе и оти демократите во Претставничкиот дом гласале за отповикување на Трамп без надпартиска поддршка.

-Импичментот се користи на нелегитимен начин, како замена на легитимната алатка наречена избори, изјави тој синоќа во своето повеќечасовно обраќање.

Го опиша импичментот како „пекол“.

-Оние што го преживееја импичентот на Клинтон, целосно осознаа дека постапката е еднаква на граѓанска војна. Создава многу зло и прави раскол во земјата, кажа Стар.

Демократите го отповикаа Трамп во Претставничкиот дом во декември, врз основа на обвиненијата за злоупотреба на моќта и опструкција на Конгресот, произлезено од скандалот со задржување на воената помош за Украина и вршење притисок Киев да започне истрага за политички ривал на Трамп.

Доколку биде изгласано присуство на нови сведоци, дополнителните распити можат да ја развлечат постапката со судењето до средината на февруари.

Доколку пак, републиканците останат тврди на ставовите и ги прифатат аргументите на одбраната, која најверојатно ќе го даде заклучителниот говор денеска во вечерните часови, постапката треба да оди на гласање до крајот на неделава. Во такков случај предвидувањата се Сенатот, контролиран од републиканците, да го ослободи Трамп од обвиненија.