Адвокатот Јордан Апостолски, кој го бранеше првопријавениот Васко Томановиќ, на кого денеска му беше изречена затворска казна oд три години за случајот „Агент“ истакна дека не е задоволен од пресудата и најави поднесување на жалба.
„Задоволни сме што се укина притворот, но не сме задоволни од пресудата бидејќи во конкретниот случај никој не е оштетен“, изјави адвокатот Апостолски за Нетпрес, додавајќи дека сигурно ќе поднесе жалба.
Тој рече дека обвинетети тешко ја примиле пресудата бидејќи е премногу висока за дело кое тие воопшто не го сториле.
Денеска во Основниот суд Скопје 1 беше изречена затворска казна за шестмината обвинети во случајот „Агент“. Првопријавениот Васко Томановиќ доби казна од три години, а останатите , Митја Валич, Слободан Богоевски, Владимир Пешликоски, Даниела Трајковска и Ален Јегени, кои се товарат перење пари и други приноси од казниво дело, фалсисификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување добија затворски казни во траење од две години. Последните двајца обвинети, Даниела Трајковска и Ален Јегени, добија условни казни. По словенечкиот државјанин Митја Валич, полицијата сè уште трага.
Шестмината осудени во случајот „Агент“ испрале над еден милион евра преку фиктивни фирми и фиктивни фактури.