Тоа што се случуваше со обидот да се урне скулптурата „Прометеј“ од страна на демонстрантите на шарената револуција е невиден и политички мотивиран вандализам што мора да се запре. Во основата на овој брутален чин е манипулацијата што неколкумина нивни „идеолози“ уште од самото поставување на споменикот на „Паднатите херои“ ја наметнуваат тезата дека тој е направен во стилот на фашистичката архитектура. Тоа не само што е лага и измислица за политички потреби туку е и сквернавење на херојскиот митолошки лик на Прометеј, чија жртва е рамна на онаа што ја направил Исус Христос, вели за „Дневник“ познатиот македонски скулптор Томе Аџиевски, автор на ова дело.
Аџиевски реагира на прексиноќешниот обид на протестантите да ја уништат скулптурата откако ја врзаа со искинатите делови од платното со кое било обвиено скелето околу фигурата. Уривањето сепак не се случи, но Аџиевски предупредува дека протестите што со денови ги прави шарената револуција со ова очигледно навлегува во фаза на радикализација, во која може да се очекуваат слични други обиди.
Автор сте на овој споменик и досега не е познато дека некој автор во земјава доживеал обиди да му се уништи делото. Kако реагирате на ова?
Ова е првпат во историја на Република Македонија да се случи обид за уривање на уметничко дело. Досега, преку шарењето и боењето на дело беше реконтекстуализацијата на спомениците од проектот „Скопје 2014“. Односно, им се менуваше пораката, контекстот. Со боењето пораката ја праќа оној што ги обоил наместо тој што ги изградил со одредена порака. „Прометеј“ веќе беше обоен и реконтекстуализиран, а со чинот на обидот за рушење и таа реконтекстуализирана идеја на авторите сега се измени. Тука направија концепциска грешка бидејќи нивната идеја да ги реконтекстуализираат спомениците веќе не важи. Но, како и да е, јас сум револтиран и згрозен од вандализмот што се случи.
Kако уметник, како ги доживувате обидите за уривање на уметничките дела?
Целиот проект „Скопје 2014“ има идеја да создава и гради. Скопје долго време беше оставено да не се гради ништо и беше последно на Балканот во тој поглед. Мислам дека луѓето го градеа со голем ентузијазам. Јас во тоа доживеав славење на македонизмот и затоа зедов учество во тој проект. Има луѓе што не се согласуваат со естетиката на овој проект и некој може со право да забележи за некои работи. Но, тоа не значи дека треба да се уриваат и уништуваат. Власта се зазема преку легални демократски средства да може да понуди свои проекти и да гради своја естетика. Мене тоа тешко ми паѓа оти за нас уметниците нашите уметнички дела ни се како деца.
Ова е политички мотивирано и не случајно се концентрирале на скулптурата „Прометеј“. Некои активисти на шарената револуција подолго време инсистираат на тоа да докажат дека токму овој Прометеј во себе крие фашистичка естетика. Тоа апсолутно не е точно бидејќи тоа е естетика што својата генеза ја црпи од европската херојска скулптура, која своја генеза има од антиката.
Имало ли такви примери некаде на друго место?
Познати се примерите со уривањето на скулптурата на Ленин во Украина, на Садам Хусеин… Немам слушнато дека вакво нешто се случило во поранешна Југославија, не знам што с` се урнало за времето на војната. Ова е веќе анархизам што се случува, а јас мислам дека е веќе контрапродуктивен оти боењето што го правеа можеше да им помине кај интелектуалците, но овој вандализам веќе не може. Ова може да значи дефинитивна радикализација на нивните следни потези и чекори.
Што е тоа што, според вас, не го разбираат оние што стојат зад обидот за уривање?
Не можат да разберат дека целиот споменик е една голема демократска агора составена од повеќе елементи. Централно место е скулптурата „Прометеј“, а околу него, во форма на концентрични кругови е претставен отворен парламент кој треба да служи за демократски дебати. Тоа е место каде што треба да се соочуваат различните мислења и тоа беше голема причина што проектот беше прифатен на конкурсот. Но тој простор не се искористи за дебати. Некој намерно не сакаше да го препознае тоа, туку сака по секоја цена да ја карактеризира ова власт како недемократска.
Ним им беше најлесно „Прометеј“ да го направат парадигма на ова власт и на наводното фашистичко владеење. Тоа е сосема погрешно толкување оти споменикот „Паднатите херои“ е споменик на сите паднати херои, без оглед на нивната вера и нација. И поради тоа е ставена митолошка фигура.
Прометеј е митолошки лик, често експлоатиран во европската култура, посебно во барокот. Некои теолози сметаат дека Прометеј е претеча на Исус Христос. Тој е распнат на карпата, орелот му го колва џигерот секој ден, тој е казнет од Зевс оти им го дал огнот на луѓето. Значи, тој ја плаќа цената на својата жртва исто како Исус што бил распнат на крст поради сите луѓе на светот.
Затоа, погрешна и манипулативна теза е кога овој споменик се доведува во врска со фашизмот. Оти како што Прометеј нема врска со фашизмот, така и овој македонски народ никогаш немал фашизам во себе и не би направил зло никому, туку секогаш тој бил оној кому зло му било правено.
Kако да се запре ова сценарио што се одвива сега?
Обидите за уривања ќе се повторат доколку власта не го сфати ова сериозно и не почне да ги штити објектите. Нема логика веќе да се трпи ова. Јас сум длабоко револтиран од овој вандализам што се покажува. Убеден сум дека ова е смислено сценарио, преку фигурата на Прометеј се направи парадигма за уривањето на оваа власт и дека со неговото паѓање ќе падне и власта.
Луѓето кои се главни идеолози се тројца естетичари што направија фама за споменикот на паднатите херои дека се работи за фашизоидна естетика. Еден од нив е Мирослав Грчев, кој постојано ја потенцира и ја повторува оваа теза и повикува на уривање на споменикот. Сега тоа се случува и конкретно како обид.
Мислите ли дека ова значи воведување пракса со која идната власт кога ќе биде во опозиција ќе може да организира уривање на објектите што ќе ги гради сегашната опозиција?
Ова власт докажа дека никогаш ништо не срушила, туку сака да гради. Единствено што ми пречи како автор и естетичар е преработката на веќе постојни објекти. Но, не на сите, туку на оние што биле авторско дело, како зградата на Владата, на ЕВН, што беше најдобар пример за модерна архитектура. Но, немам ништо против обновувањето руинирани згради во центарот на градот, па зошто да не и во неокласичен стил.
Се надевам дека ова власт нема да пристапи кон некој реваншизам во иднина ако таа биде во опозиција и така да реагира против објектите што би ги градела сегашната опозиција. ВМРО нема во својата генеза таков тип реваншизам.
Во проектот „Скопје 2014“ година зедоа учество сите уметници, без оглед на нивната идеолошка и партиска припадност. На конкурсите учествуваа сите наши познати професори, уметници така што кога има забелешки, тие се упатуваат кон нив, тоа е истовремено критика на нивната креативност. Излегува дека толку ни била креативноста. Никој со сила не ги тераше уметниците да прават такви дела какви што направија – вели овој уметник.
Пет жени од опозицијата иницираа облекување на голата скулптура
Интересно е што по поставувањето на „Прометеј“ кај мене дојдоа пет жени за кои знам дека се активистки на опозицијата и кои побараа „Прометеј“, кој е гол, или да се тргне или да се покрие. Ги испратив во Општина Центар, која е сопственик на споменикот, со надеж дека тогашниот градоначалник ќе ги одбие. Но, потоа тој ми јави дека морал да го прифати барањето, а јас не се спротивставив на тоа. Тие жени ми рекоа дека им ги навредува нивните пуритански чувства и дека е срамно гола скулптура да стои во Паркот на жената-борец. Претходно, самата комисија без проблем прифати да биде гол. Тоа ќе беше прва гола фигура на Балканот и воопшто на Прометеј – вели Аџиевски.