Медицинскиот персонал на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија успеа да изгради лик на медицински работник препознатлив по професионалноста и хуманоста. Целокупниот медицински персонал постојано се упатува на доедукации и на стручни доусовршувања за да ги владее најсовремените стандарди. Потврдата за тоа се илјадниците пациенти кои секојдневно минуваат низ просториите, кои некриејќи го своето задоволство потполнуваат анкетни листови, преполни со благодарност и пофалби упатени до вработенитe, вели Сузана Аџиовска, организациски директор на Универзитетската клиника за пулмологија во интервју за порталот Здравство 24.
- Може ли да ни кажете кои се надлежностите на Универзитетската клиника за пулмологија и кој е Вашиот фокус во работењето?
– Клиниката за пулмологија и алергологија е високо специјализирана здравствена установа, која ги задоволува потребите на граѓаните за квалитетна, одговорна и достоинствена здравствена заштита. Покрај здравствената дејност во неа се одвива и наставна и научна дејност, со што претставува референтна установа во Република Македонија за згрижување болни од белодробни заболувања. Клиниката вработува врвни професионалци во својата област, што овозможува нејзино динамично и непречено функционирање. Во еден функционално соодветен простор, благодарение на Министерството за здравство е вградена високвалитетна опрема која овозможува да се изведуваат и најсложените дијагностички и тераписки процедури, со единствена цел да бидат задоволени потребите за квалитетна здравствена заштита.
- Вие сте организациски директор на Клиниката. Може ли поконкретно да ни објасните што значи тоа, со оглед на Вашето повеќегодишно искуство и во приватното здравство?
-Во современо општество, главната цел на здравствениот систем е да го унапреди и да го зачува здравјето, но треба да се прифати дека тоа може да се постигне само со негово добро менаџирање. Да се менаџира здравствениот систем значи да се водат сите активности, планови и програми и да се овозможат финансиски средства за функционирање на здравствена организација. Исто така многу значаен сегмент е да се организира ефективно ангажирање, добра и постојана комуникација и особено соодветната поделба на работните обврски меѓу вработените. Сето ова може да се овозможува само преку функцијата организациски директор. Организацискиот директор има многу важна улога во здравствениот систем а тоа можам да го потврдам и од претходното десетгодишно работно искуство во една од приватните болници. Клучот на успехот е како да го зачуваме досега изграденото ниво, а тоа се постигнува само со многу труд и напорна работа, добро управување и овозможување успешно функционирање на сите делови на здравствениот систем во целина. Да ги следиме светските стандарди и квалитетот да ни биде единствена водилка.
- Именувани сте за директор пред околу 6 месеци, а веќе имате некои постигнати резултати за кои може да разговарате?
– Здравството е една од најчувствителните дејности во општеството, затоа во здравствениот менаџмент фокусот е секогаш со акцент на пациентот. Во лесно пристапниот и еден од најсовремените системи за закажување Мој термин зголемени се термините за прегледи со што е намален редот за чекање.
– Отворена е уште една амбуланта
-Реновирана е чекалната во амбуланта,
-Извршено е молерисување на стационар, амбулантите и чекалните
-Во тек е санација на тоалетите на стационар
-Набавени се нови комплети постелнини
-Поставени се ПОС терминали за наплата
Изминатиот период функцијата како организациски директор ја започнав и со воспоставување повисоки стандарди за работа и управување. Според мене, приоритет на менаџерот да ги открие слабите точки и да изнајде нови решенија, врвните менаџери овој систем го имплементираат во секојдневното работење. Ние започнавме со целосно имплементирање на хоспиталната култура во практиката, од аспект на подобрување на комуникацијата, обезбедени се ознаки за соодветна идентификација на вработените, соодветни униформи и повторно фокусот е ставен на пациентите. За првпат ни е укажана можност да размислуваме како претприемачи, па имаме можност да се рекламираме и да се потврдиме да го развиеме здравствениот туризам.
- Колку Вашата клиника ги следи новите текови во областа на пулмологијата?
Медицинскиот персонал на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија успеа да изгради лик на медицински работник препознатлив по професионалноста и хуманоста. Целокупниот медицински персонал постојано се упатува на доедукации и на стручни доусовршувања за да ги владее најсовремените стандарди. Потврдата за тоа се илјадниците пациенти кои секојдневно минуваат низ просториите, кои некриејќи го своето задоволство потполнуваат анкетни листови, преполни со благодарност и пофалби упатени до вработените. Сите заедно создадовме повисоки стандарди и горди сме со минатите успеси, а пред нас е многу работа, многу труд и напор кои ќе бидат наградени со квалитетно јавно здравство. Се соочувам со голем предизвик во однос на поефикасно менаџирање со финансиите. За овој период од 6 месеци, со зголемување на термините за 62% се зголемени сопствените приходи споредено со истиот период во 2015 година.
- Кои се Вашите идни планови и приоритети во работењето?
-Мојата визија е дека Клиниката, како референтна установа во регионов, треба да се стреми кон хуманост, професионалност, тимска фокусираност, професионалност за пружање здравствени услуги согласно светските стандарди и медицински протоколи и понатаму да биде лидер во својата област. Како референтна установа која се занимава со научна и наставна дејност , потребно е да се стреми кон нови знаења и вештини и унапредување и развој на научно истражувачката дејност. Во тек е и акредитација, со која ќе ги стандардизираме процесите и ќе ги подигнеме на повисоко ниво. Институција само со високо поставени цели, може да постигне и да го задржи квалитетот.
Секоја организација има свој печат по кој е препознатлива во нејзиното опкружување, а нашиот печат е квалитетот. За Клиниката со долгогодишно функционирање и традиција ова преставува предизвик и охрабрување да продолжиме да ги негуваме високите стандарди во својата стручност, знаење, хуманост и високо ниво на професионализам.