Вечерва се одиграа и првите три натпревари од осминафиналнат апрограма во Конференциската лига на УЕФА. Најинтересно беше на пресметката меѓу екипите на АЕК Ларнака и Вест Хем, каде тимот на нашиот Иван Тричковски беше поразен со 2:0 и практично е на пат да ги заврши европските настапи по реванш-мечот кој треба да се одигра во Лондон следната недела.
Вест Хем дојде во Ларнака со силен тим и по 45 минути го „реши“ домашниот АЕК. Антонио двапати ја тресеше кипарската мрежа во 36. и 45. Минута, а нашиот интернационалец мечот го почна од клупата и доби шанса во последните 20-тина минути.
Шериф Тираспшол на домашен терен е поразен од француска Ница. Францускиот тим победи во Кишињев во судиското надополнување на првото полувреме, кога младиот Амрауи се обиде да нафрли од левата страна, тоа го направи лошо, топката помина преку неговата нога и заврши во мрежата на домашните.
Виљареал, минатогодишниот полуфиналист во Лигата на шампионите и победник на Лигата на Европа во 2021 година, сега е фаворит за трофејот во Конференциската лига. Денеска на гостувањето кај Андерлехт, Шпанците одиграа 1:1. Ману Тригерос реализираше за водство на гостите, додека домашните се спасија од пораз со голот на Драјер во 57. минута.