АЕК со пресврт до победата над Динамо во Загреб

Фудбалерите на Динамо Загреб беа поразени од грчкиот претставник АЕК со 1:2 (1:0) во првиот натпревар од 3. коло од квалификациите за Лигата на шампионите одигран во вторникот вечерта на стадионот „Максимир“ пред 13.311 гледачи.

Динамо го постигна водечкиот гол во 39. минута, а стрелец беше Марко Булат, кој од слободен удар од околу 25 метри биеше во горниот десен агол од голот на АЕК. Но, пресвртот дојде во вториот дел. Грчкиот шампион го постигна израмнувачкиот гол во 59. минута, а стрелец беше Швајцарецот Стивен Зубер со прецизен удар од 14 метри. Константинос Галанопулос во 90. минута со удар од седум метри му донесе победа на грчкиот шампион.

Реваншот е закажан за в сабота, на 19. август, со почеток во 20,45 часот, во АЕК Арената во Атина, каде Динамо ќе мора да победи со два гола разлика за да се пласира во последното коло од квалификациите за Лигата на шампионите, во кое победникот од овој меч го чека белгиски Антверпен.

Доколку хрватскиот шампион не успее да направи чудо во Атина, го очекува дуел за пласман во групната фаза од Лигата на Европа против Спарта Прага.

Пред почетокот на натпреварот, за убиениот навивач на АЕК минатата недела во Атина во сударот меѓу хулиганските групи имаше едноминутно молчење, при што, наспроти стравувањата на претставниците на УЕФА, загрепската публика се однесуваше достоинствено.