Општина Аеродром го објави повикот на избор на стратешки партнер кој преку јавно приватно партнерство треба да го реализира проектот „Смарт Аеродром“. Проект, кој претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење. Трошоците за реализација на проектот во целост ќе ги има приватната компанија, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации за истиот, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.
Паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром. Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината.
Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и воведување одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење. Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е проект кој е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром.
По успешното завршувањето на повикот на воспоставување на јавно – приватно партнерство ќе може официјално да му посакаме добредојде на проектот кој ќе даде една нова енергија на иднината и живеењето во нашата општина. Имплементацијата на проектот планирано е да започне на почетокот на следната година, а по завршувањето на имплементацијата Општина Аеродром ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина.