Со цел да се подобри методологијата и квалитетот на податоците за е-трговијата, да се приближи македонското законодавство со законодавството на ЕУ и да се следи трговијата во РСМ во рамките на Спогодбата на ЦЕФТА, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во соработка со Државниот завод за статистика (ДЗС), организираа тркалезна маса за дискусија на можностите и начините за подобрување на методологијата на податоците за е-трговија и потпишаа меморандум за соработка.
Една од главните причини за ваквата иницијатива, е недостатокот на податоци кои нашата земја може да им ги понуди во европските извештаи за е-трговија, а се важен предуслов за утврдување на тековните состојби поврзани со е-трговијата во Северна Македонија и проекциите за нејзин раст и развој во иднина.
На тркалезната маса, како прва заедничка активност на АЕТМ и ДЗС по потпишувањето на меморандумот за соработка, беше иницирана соработка и дискусија помеѓу релевантните институции кои во своето работење прибираат, анализираат и овозможуваат пристап до податоци за е-трговијата, организациите од невладиниот сектор и компаниите од бизнис секторот во областа на е-трговија, а во насока на донесување на конкретни акции кои секоја од засегнатите страни ќе се стреми да ги имплементира во следниот период.
– „За да може да се следи растот и рзавојот постигнат во е-трговијата AETM уште во првата сеопфатна анализа од 2018 година ја нагласи потребата за поголем обем и подобар квалитет на прибраните податоци. За да имаме реална и релевантна слика за состојбата, за да знаеме каде сме и како прогресираме, да се споредиме со другите земји, да носиме информирани одлуки и препораки за преземање дејствија за натамошен раст, неопходни се квалитетни и сеопфатни податоци. Особено ќе го нагласам отсуството на податокот за уделот на е-трговијата во вкупната малопродажба, клучен индикатор кој би овозможил да го согледаме релативното учество на обемот на пазарот на е-трговија во малопродажбата, како и да направиме споредба со другите земји“, изјави претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска.
Од Државниот завод за статистика ја потврдија подготвеноста на институцијата да одговори на ова барање на засегнатите страни, но го потенцираа и проблемот за системски недостаток на потребните податоци.
„ДЗС во согласност со Европските методологии спроведува две примерочни истражувања за Информатички и комуникациски технологии, нивното користење во домаќинствата и од страна на поединци и нивното користење во деловните субјекти, во кои е опфатена и е-трговијата, но ова се податоци кои опфаќаат само дел од аспектите на е-трговијата. Оттука, наша должност е заеднички да најдеме начин како посеопфатно да обезбедиме статистички податоци за обемот на стоки и услуги кои се набавуваат on-line, како и за обемот на финансиските трансакции кои се реализираат со е-трговијата. Сигурен сум дека денешната дискусија во голема мера ќе допринесе со идеи и предлози за постигнувањето на зацртаната заедничка цел – добивање на квалитетни и сеопфатни статистички податоци за е-трговијата.“ – потенцираше Апостол Симовски, директор на ДЗС.
АЕТМ и Државниот завод за статистика иницираат соработка со засегнатите институции и се вклучуваат во напорите за започнување на јавно-приватен дијалог со компаниите од секторот на е-трговијата кој е клучен за подигнување на свеста за потенцијалот на е-трговијата.
Со потпишување на меморандумот двете страни се заложуваат заеднички да реализираат активности кои ќе придонесат за подигнување на свеста за значењето на е-трговијата, како и за надградба и прилагодување на прибирањето на податоци за е-трговија и за креирање на појасна слика за нејзината вредност и обем.