Странските иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2022 година потрошиле 21.76 милиони евра, што во однос на претходната година претставува пораст од скоро 33 отсто. А во однос на 2016 година, вредноста на е-трансакциите од странство кон македонски е-продавници се зголемила за над 10 пати, додека бројот за речиси 19 пати, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, повикувајќи се на податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија.
– Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 618,932 трансакции или просечно потрошиле 35.2 евра по трансакција. Направената анализа за движењето на бројот и вредноста на направените онлајн трансакции од странци кон домашни е-трговци од 2016 година до 2022 година покажува дека има значаен пораст. Ако во 2016 година странците потрошиле онлајн кон македонските е-трговци само два милиони евра во 32.9 илјади трансакции, во 2022 вредноста е зголемена за над 10 пати, додека бројот на трансакциите за скоро 19 пати. Што се однесува до учеството на странците во вкупно остварената вредност на онлајн трансакциите и кон дома и кон странство од домашни и странски платежни картички тоа се зголемува од 2.2 отсто во 2016 на речиси 4 проценти во 2022 година, велат од АЕТМ.