Аферата Фолксваген е само дел од поголем мега скандал. Со анализа било утврдено дека одделни модели на Мерцедес, БМВ и Пежо користат околу 50 отсто повеќе гориво од она што го тврдат нивните произведувачи.
Европската федерација за транспорт наведува дека новите автомобили произведени во Европа исфрлаат во просек околу 40 отсто повеќе јаглерод диоксид отколку што покажуваат тестовите.
Ова тело во извештајот нагласува дека најновата ситуација со Фолксваген е само дел од скандалот од пошироки размери, пренесува Б92, повикувајќи се на Ројтерс.
Во извештајот се наведува дека не е докажано дека и другите произведувачи на автомобили користеле слични уреди како Фолксваген, наменети за манипулација со штетните гасови, но дека помеѓу лабораториските тестирања и самото возење постои голема разлика во емисијата на јаглерод диоксид и азот –оксид и тоа во толкав обем што е потребно да биде покрената дополнителна истрага за да се утврди што се прават произведувачите за да го „маскираат“ нивото на издувни гасови.
Со анализа било утврдено дека одделни модели на Мерцедес, БМВ и Пежо користат околу 50 отсто повеќе гориво од она што го тврдат нивните произведувачи. Потрошувачката на гориво е тесно поврзана со емисијата а јаглерод диоксид па зголемената потрошувачка на гориво значи и зголемена емисија на штетни гасови.
Фолксваген минатата недела соопшти дека околу 11 милиони негови автомобили низ целиот свет биле погодени со скандалот околу лажирањето на податоците за емисијата на издувни гасови.
Фолксваген денес ги суспендираше директорите на клучните брендови „Ауди“ и „Порше“ задолжени за секторот истражување и развој, соопштуваат неименувани извори запознаени со ситуацијата.
Надзорниот одбор на Фолксваген минатиот петок одлучил да суспендира дел од своите вработени (не наведувајќи ги нивните имиња) додека не бидат разјаснети деталите околу скандалот на Фолксваген со лажирањето на податоците за емисијата на штетни гасови.
Акциите на Фолксваген како што известува Франс прес, утрово продолжија да паѓаат на берзата во Франкфурт. Акциите потонаа за дополнителни 6,6 отсто на 100, 20 евра.