Џафери на аудиенција кај папата Франциск: Предолго чекаме за влез во ЕУ, но нема да се откажеме

Претседателот на Собранието Талат Џафери на аудиенцијата кај Папата Франциск во Ватикан изрази надеж дека Македонија што поскоро ќе ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи, како што посочи, одолговлекувањето на процесот предизвикува евроскептицизам.

– Во однос на членството во ЕУ моментално кај нас се одвива скрининг процесот и ни претстојат уставни измени за кои мора да обезбедиме двотретинско мнозинство. За жал предолгото чекање пред вратите на ЕУ предизвика и слабеење на поддршката на граѓаните за интеграцијата, меѓутоа се разбира нема да се откажеме од постигнувањето на оваа стратешка определба – истакна Џафери.

Тој уште еднаш ја изрази поддршката на Република Северна Македонија за Украина, потсети дека веќе сме полноправни членки на НАТО Алијансата и сме активни чинители во одржувањето на глобалниот мир. Оваа година, додаде тој, сме и земја претседавач со ОБСЕ.

Тој вели дека двете земји имаат нераскинливи културни врски преку личности од заедничкото минато:

– Но, постои широк потенцијал за понатамошно унапредување на тоа партнерство, како на билатерален, така и на меѓународен план, особено преку Националната библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје и Ватиканската библиотека, како и меѓу тајниот Архив на Ватикан и Државниот архив на МК, меѓу Институтот за национална историја на Северна Македонија и Ватиканската библиотека и Архив во размената на научно – истражувачки работници, како и преку потпишување на меѓудржавен договор за регулирање на надлежностите во сферата на високото образование меѓу двете држави, по моделот на вакви слични договори што ги има Светата Столица со земји од регионот – рече претседателот на Собранието.

Џафери му подари на папата графичка икона „Богородица Несвенлива Роза“ која потекнува од 1837 година од Ново Село, Штип. Била донесена од Света Гора Атонска, а нејзин автор е Антим од Пелопонез. Папата доби и примерок од документарниот филм „Јанѕа“ за Блаже Конески на македонскиот документарист Никола Т. Калајџиски. Филмот бил поддржан од Агенцијата за филм.

За десетгодишнината од Понтификатот, папата Франциск од Џафери доби и длаборезана кутија за чување лични работи.