Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по враќањето од посетата на Киев и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска во законодавниот дом рече дека Украина ќе добие различен вид на помош од Македонија, зависно од потребите кои подоцна ќе бидат определени, а ако треба и воена.
– Како општа определба на државата е да се поддржува Украина и украинскиот народ. Така и јас отидов да дадам лична поддршка за земјата да ја врати контролата на целата територија. Таа поддршка е повеќезначајна, може и во финансиски, материјален и санитарен аспект, во зависност што ќе побара Украина. Секако може да биде и воена, изјави тој.
Според него, обврските ќе произлезат од потребите што ќе се искажат и Собранието треба да ги дефинира злоделата што се направени за да се иницира резолуција.
За своето патување во Киев спикерот рече дека ги известил премиерот и претседателот, а ги истакна и своите впечатоци.
– Зоната во која што се движевме беше надвор од воени дејствија и намерата беше да се видат на самото место последиците. Позитивен момент беше што луѓето се свесни што им се случува и работоспособните си одеа на работа, земјата е обработена и впечатокот е дека моралот и на ѓраѓаните и на институциите е на високо ниво, наведе Џафери.