Џафери наведе можни датуми за претседателските избори

Спикерот на Собранието, Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинарите зборуваше за можните датуми за распишување на претседателски избори, како и за роковите. Тој сподели три можни датуми за прв и за втор круг од изборите.
Според него, од денот на распишување на изборите до денот на гласање треба да поминат не помалку од 70 дена и не повеќе од 90 дена. Така, ако првиот круг од претседателските избори се одржи на 14 март, тогаш распишување на изборите треба да биде на 4 јануари 2024 година. Ако бидат на 24 април во првиот и 8 мај за вториот круг, тогаш распишување на избори ќе треба да биде на 27 февруари, што обезбедува најмалку 70 дена до избори.

Можни датумии според Џафери се:

– Прв круг: на 14 март, 28 март, 11 април и 25 април.
– Втор круг: 28 март, 11 април, 25 април и 9 мај (критичен датум бидејќи инагурација ќе треба да биде на 12 мај).

Изборите за претседател се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат на шефот на државата.

Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година се со цел почитување на законските и уставните рокови.

-До Нова година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март – истакна Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

-Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател – посочи Џафери.

За парламентарни избори Џафери рече дека на 4 август завршува мандатот на пратениците. Изборите се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат  или во рок од 60 дена од распуштање на Собранието. Според него, редовни термини во редовен рок се 5 мај – 15 јули, за да се овозможи конституирање во рамките на уставниот рок , најдоцна до 21 ден од денот на гласање.Ако парламентарните избори се организираат да се одржат пред 5 мај, тогаш тие избори се предвремени и во тој случај важат други членови.