Имаме толку многу да понудиме како земји, имаме толку многу да учиме едни од други, толку многу да споделиме. Пред се, имаме огромен потенцијал кој се уште не е ниту половично искористен. Ова вчера во своето обраќање го истакнал претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери на четвртата конференција на претседатели на Парламенти на евроазиските земји на тема „Поголема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“.
Како што соопшти собраниската прес-служба, главната цел на овој форум е да се воспостави директен мултилатерален дијалог, а на маргините и билатерален дијалог меѓу претседателите на законодавните тела на Европа и Азија, како и на лидерите на меѓународните и интерпарламентарните организации за понатамошно продлабочување и проширување на соработката на овој простор.
Џафери во своето обраќање порачал дека е потребно откривање и воспоставување нови, силни мостови на соработка меѓу земјите од двата континента и пошироко, односно интензивна економска соработка и трговска размена со цел обезбедување на безбеден и одржлив развој за сите региони подеднакво.
– Доаѓаме од различни држави, со различни државни уредувања, со различни билатерални и мултилатерални односи помеѓу нас, односно договорни законски рамки кои не секогаш се реципрочно воспоставени, или пак не се воопшто воспоставени. Тие нееднакви односи, произведуваат и нееднаков развој на регионите. Наша одговорност како законодавци е да изнајдеме и овозможиме начини за заемна заштита на интересите на нашите држави и изнаоѓање модуси за слободно одвивање на економската соработка меѓу земјите, слободно движење на луѓето и услугите, научната, културната, образовната, медицинската, туристичката и секаква друга соработка меѓу земјите, нагласил Џафери.
За да се овозможи тоа, како што се наведува, потребно е поврзување со патна, железничка, воздушна и друга инфраструктура, меѓутоа, пред се потребен е дијалог, директен, отворен, без ракавици.
– Имаме толку многу да понудиме како земји, имаме толку многу да учиме едни од други, толку многу да споделиме. Пред се, имаме огромен потенцијал кој се уште не е ниту половично искористен. Од друга страна, глобализацијата, покрај огромните предности, носи со себе и софистицирани закани против кои само заедничкиот, координиран одговор може да биде успешен. Затоа, да градиме мостови на доверба, да воспоставиме искрени и партнерски односи, за подобар, еднакво развиен и пред сѐ, безбеден свет за нас, за нашите деца и сите идни генерации, потенцирал Џафери во своето обраќање.
На конференцијата се очекува усвојување на Заедничка декларација на претседателите на Парламенти во насока на понатамошниот развој на евроазискиот континент кон заедничката иднина.