Џафери сè уште не ја примил референдумската иницијатива на Левица

Претседателот на Собранието Талат Џафери сè уште не ја примил иницијативата за одржување на референдум којашто партијата Левица ја поднесе до Собранието пред три дена.

„До овој момент претседателот Џафери ја нема примено иницијативата за одржување референдум од политичката партија Левица“, информираат од кабинетот на собранискиот спикер.

Во моментот кога иницијативата официјално ќе биде примена, додаваат оттаму, преку соопштение ќе биде споделена информација за одговорот на претседателот на Собранието кон подносителот на иницијативата.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на 7 октомври до архивата на Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој граѓаните, доколку се одржи, треба да одлучат дали се „за“ или „против“ заклучоците за францускиот предлог што законодавниот дом ги усвои на 16 јули оваа година. Иницијативата за референдум на Левица беше поднесена со 750 собрани потписи.

Според партискиот лидер Апасиев, со вака формулираното прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“, е практично невозможно формално-правно да се одбие иницијативата.

Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија со образложение дека е спротивна на членот 118 и членот 8 (став 1, алинеја 11) од Уставот, односно дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

Според собранискиот Деловник, откако ќе ја прими иницијативата, претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали иницијативата е уредна.

Ако иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да го извести подносителот за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи. Ако документот, според комисиите, не е уреден. Тогаш Џафери е должен иницијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.

Доколку иницијативата го помине собранискиот филтер законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда.