Џафери во Будимпешта на состанок на претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе учествува на десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, посветен на проширувањето.

Kако што соопшти собраниската прес-служба, состанокот се одржува во Будимпешта и истиот традиционално се организира од страна на Собранието на Република Унгарија на секои две години.

На состанокот, покрај претседателите на парламентите од земјите од Југоисточна Европа, ќе учествуваат и претседателите на парламентите на земјите од Вишеградската група.

-Предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархели и претседателот на Собранието на Република Унгарија, Ласло Ковер, по што ќе следат обраќања на претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, вклучително и обраќањето на претседателот Талат Џафери се наведува во соопштението.

На состанокот е предвидено усвојување и потпишување на Заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската унија и до лидерите на европските институции.