Агатангел: Македонци, не плашете се, секогаш сме бидувале победници низ времињата! Не се помируваме да ни го уништат древниот идентитет!

„Добро потплатената и навреме врбувана ‘петта колона’ посветено работи во заднина, ширејќи забуна и деморализирање на населението, со единствена цел да биде намалена и, ако е можно, уништена секоја волја за отпор, секоја искра на нормалноста. Се прашува ли некој во оваа држава кои се последиците од омаловажувањето, од газењето на националното достоинство на македонскиот народ?“ – вели владиката Агатангел на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во својата колумна со наслов „Правдата и вистината ќе победат!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“..

Покрај другото, владиката Агатангел пишува: „Денес, во Македонија, под водство на колективниот Запад, преку француско-бугарските предлози засилено се работи на обезличување на македонскиот народ, кој самиот, со своја согласност, ‘написмено и законски’, конечно треба да биде покорен и еднаш засекогаш уништен до непрепознавање.“

„Еден од многуте, кој работи ‘посветено’, е професорот Мерсел Биљали, за кого Македонците се ‘одвратни националисти со расипан ментален код’, бидејќи поголемиот дел од нив никако не можат да се помират со она што упорно им се наметнува, да бидеме распарани и рашиени по сите древни идентитетски шевови. За Билали и за нему сличните проблем е македонскиот народ, кој упорно се противи на договорот со Бугарија. За ваквите луѓе е нормално да бидат апсени и уценувани народни пратеници, ‘непослушни’ протестанти да бидат осудувани на повеќедецениска робија, да го снема од окото на јавноста пратеникот, кој по кратката ‘обработка’ се појавува со целосно спротивставени ставови, подготвен да ја спасува владата која силно ја напаѓал и ја критикувал.“

„Се спроведува попис, иако голем дел од мнозинскиот народ отворено најавува негов бојкот, а подоцна, врз основа на неговите резултати, да бидат изведени политички придобивки и привилегии, што ќе влијаат врз целото општество. Користејќи политички инженеринг, се прави влада која е сочинета од повеќе од 50 отсто од малцинско население, со што сосема се занемарува реалноста на терен, односно изразената народна волја на избори.“

„Нам во овој момент ни е потребно мислењето и умот на академиците. Па, која е улогата на врвните интелектуалци во едно општество? Зарем тие не треба да ги коментираат абнормалните општествени појави, особено оние кои ја брануваат и вознемируваат јавноста? Која е улогата на една врвна академска институција, освен да ги штити националните интереси, да биде лидер во научните истражувања, да ги коментира и да се обидува да ги исправа сите општествени аномалии? Токму на Македонската академија сосема ѝ приличи да биде национална, не газејќи ги притоа правата и интересите на сите оние, кои имаат поинакви национални чувства од Македонците.“

„На Балканот само на македонскиот народ му е забрането да се занимава со својата историја, а историјата знае и да казнува, ако навреме не се научат нејзините лекции. Ова последново особено важи за членовите на Комисијата за историски и образовни прашања, кои одлучија да ја погазат сета македонска наука, да се поништат себеси, својот народ и на крајот дури и своите научни трудови и своето лично достоинство. Ако сето ова го направиле заради некаква лична корист и придобивка, вечно нека си го носат срамот, кој ќе биде составен дел од колективното сеќавање кога во иднина ќе бидат спомнувани нивните имиња. Парите се отепувачка!“

„Ние сме се чесни и работливи луѓе, кои што ја слават својата национална историја. Ние сме стоеле секогаш на страната на правдата и вистината. Во сите времиња и во сите епохи, при сите немири и недоумици, ние сме излегувале како победници. Затоа, не плашете се, Македонци: Вечниот Бог не е пристрасен, ниту суди и вреднува необјективно, туку кај секој народ, кој се бои од Него, ги воспоставува својата милост и правда!“