Агелер е многу задоволна за ставањето на Груби на „црната листа“

-Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна, вели амбасадорката Анџела Агелер во интервју за „Слободен печат“, во врска со ставањето на Артан Груби на црната листа на САД.

Агелер кажува дека вклучувањето лица на црната листа САД го прават многу внимателно и темелно.

„Кога ние ги вклучуваме тие луѓе, многу земји сметаат дека е корисно за да го надградат тоа и да преземат чекори. И како што реков пред некој ден и како што сум кажала и порано, нашата најголема надеж е дека, имајќи предвид што многу од информациите се достапни токму овде во оваа земја, дека истражителите, оние што го спроведуваат законот, обвинителите, судиите, исто така ќе се надоврзат. Затоа што верувам дека корупцијата има последици. Таа треба да има последици. И затоа, се надевам дека и лидерите и официјалните претставници овде ќе го следат тоа.

Верувам во македонските граѓани, кои побараа од своите лидери и од своите функционери да преземат акција. Многу го слушавме тоа. Исто така, ме охрабрува фактот што многу гранки на судството се огласија откако беше објавено соопштението во понеделникот вечерта во Вашингтон, за да кажат дека веруваат дека треба да има продолжение. Затоа се надевам дека е така. Затоа ќе кажам дека следиме многу внимателно. Ги следиме многу од истрагите и приведувањата и другите дејства што се случија дури и изминатата недела. И се надеваме дека ќе вродат со плод“.