Како Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните стана агенција за примена на јазикот на Република Северна Македонија? Зошто називот на ова владино тело, формирано минатата година во документите се разликува од она кое го има на интернет страницата на агенцијата? Дел од името на агенцијата на веб страницата потсетува на формулациите на Бугарија. Во период кога Софија го негира постоењето на македонскиот јазик и бара тој да биде именуван како официјален јазик на Република Северна Македонија, објави Алфа ТВ.
Според директорот Илбер Села, агенцијата во Централниот регистар е регистрирана со краток и долг назив, а формулацијата на интернет страницата била избрана од естетски причини. Села дури и се заложи доколку ова име е причина за недоразбирања да го смени.
„Во Централен регистар агенцијата е заведена со долго и кратко име. Долгото е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, а краткото Агенција за примена на јазикот на РСМ. На сајтот се одлучивме да го ставиме краткиот назив. Но на службите ќе им кажам да биде ставено долгото име. Тоа го има во сите официјални документи на Агенцијата”, вели Села.