Агим Нухиу и Арафат Муареми роднини вработуваат во полиција!?

Скандалот со вработување членови на семејството на политичари во државните институции не запира. Секој ден се објавуваат нови имиња на членови на семејства на пратеници, министри или функционери на СДСМ и на ДУИ.

Последните информации кои ги објави порталот на албански јазик Фол, а ги добиле од извори од МВР, отвараат сомнеж за непотизам при неколку нови вработувања. Станува збор за заменик-министерот за Внатрешни работи, Агим Нухиу, кој ја вработил неговата сестра во тетовската полиција. Истите извори потенцираат дека освен сестрата, Нухиу згрижил и други роднини во државните органи, а наскоро ќе бидат објавени нивните имиња и роднинските врски со заменик-министерот.

Исто така, во последните неколку дена, директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, кадар на СДСМ, се зборува дека си го вработил својот шура (брат на сопругата), во регионалната полиција во Охрид, како полициски инспектор. Станува збор за Насер Каба од Струга, кој според полициските извори, на работа бил примен со „телефонски повик од горе”, бидејќи не ги поминал ниту потребните процедури, тестирање и интервју, пишува порталот на албански јазик Фол.