Ајде што не ги разреши, туку и на средбите со граѓаните, лидерот на Интегративците Али Ахмети постојано со пофалби за првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатите министри од неговата партија. Ахмети рече дека 20 години инвестирале во градење на кадрите кои денес, според него, ни го обелуваат образот пред државите, развиените држави.
„Јас се радувам и сум горд кога слушам и ми велат странците од Брисел и Вашингтон дека тие се огледало на државата, Владата и тоа ме облагородува, ме прави среќен и неуморен да продолжиме да чекориме напред. Во овие моменти кога зборуваме, Бујар Османи се враќа од Украина. Тој е министер за надворешни работи на речиси половина Земјина топка, што значи дека сме успеале и тие инвестирања што сме ги направиле не се залудни“, вели Али Ахмети.
Во врска со критиките дека во ДУИ се изгубила демократијата, Ахмети рече дека партијата функционира “за мерак“.
„ДУИ, , не дека јас сум претседател на оваа партија, но е една од партиите со најголема внатрешна демократија, остави тоа што зборуваат дека нема демократија. Функционираат одлично сите институции и органи“, посочи Али Ахмети.
Пофалби за Груби имаше и министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој рече дека со овој состав на извршната власт, особено со Груби, донесени се одлуки кои се многу важни за граѓаните, особено за Албанците.
„За прв пат е одобрена одлука на Владата на иницијатива на Министерството за политички систем, каде што министерот е истовремено и прв вицепремиер, дека сите средства за различни мерки, различни програми кои ќе бидат наменети за граѓаните на државно ниво, ќе бидат распределени според методологијата за еднаков регионален развој. Што значи тоа? Дека некогаш, пред неколку децении, во процесот на приватизација се случуваа разни дискриминации каде беа фаворизирани различни региони“, порача Крешник Бектеши.
Во меѓувреме, гостиварци го прашаа Груби дали ќе се повлече заради партиско единство. Тој рече дека ова прашање за него е многу лесно.
„Имаме само еден мисионер во нашата земја и застанавме зад овој мисионер и за мене нема двојни стандарди. Еве сме, нека ме видат моите деца, за мене зборот на Али Ахмети е последен“, вели Артан Груби.
Ова е четврти ден како Ахмети, заедно со функционери на ДУИ на локално и централно ниво, се среќава со граѓаните под мотото „Заедно за Европа“. Паралелно состаноци одржува и Огнената група каде денеска средба со младите од Скопје ќе имаат потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити и организациониот секретар на ДУИ Блерим Беџети.