
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, доцна попладнево го заврши дводневното сослушување пред хашките обвинители во Приштина и се враќа во Скопје..
Ви благодарам за трпението и големата поддршка. Ве замолувам за разбирање затоа што нема да ја коментирам мојата изјава пред обвинителите во својство на сведок. Вака предвидува законот и јас тоа ќе го почитувам.
Поранешната судијка од судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска смета дека неговиот исказ ќе одреди дали ќе биде сведок или не. Каков ќе биде текот на процесот во кој е вклучен Ахмети, ќе остане неизвесно, вели Николовска бидејќи не е познато ниту со какви докази располагаат обвинителите.
,,Во пракса значи дека едно лице може да е повикано како сведок, а потоа да стане обвинет. Во поканата, колку што јас знам, не постоело својство на лицето кое е повикано да биде распрашано. Лицето се распрашува на околностите за кои што судот смета дека треба да е распрашан, но и во зависност од она што го имаат како докази и другите лица, може да се одрази на него.
Ахмети ја доби поканата од судот во Хаг како еден од основачите на Ослободителната војска на Косово и активен учесник во војната. Косовскиот претседател Хашим Тачи, поранешниот премиер Рамуш Харадинај и тамошниот поранешен спикер Кадри Весели веќе се водат како обвинети, иако претходно беа повикани како сведоци. Се товарат за злосторства против човештвото, а дали ќе се прифатат нивните обвиненија треба да одлучат меѓународните судиите во Хаг, според косовските закони.