Ахмети: Се појавија многу лидери, не знам со кој да излезам на мегдан

По дуелот меѓу лидерите на најголемите политички партии, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, многу аналитичари и креатори на јавното мислење, упатија повика дека таков дуел треба да се случи и меѓу лидерите на албанските партии, бидејќи со тоа би се отстраниле многу дилеми, кои ги имаат граѓаните,  пишува денес Информативната агенција „Журнал.мк” во својот интернет портал на албански јазик, пренесува МКД.мк.

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Селаво изјава за Журнал.мк, јавно го покани лидерот на ДУИ, Али Ахмети на телевизиски дуел и му понуди тој да избере медиум и време каде што ќе биде реализирана дебатата.

„Секогаш редовно сум го канел Ахмети на дуел. И за време на дебатите каде што сум бил повикуван, но и во текот на изборните кампањи јас сум го имал поканувано Ахмети на телевизиски дуел. Продолжувам и сега да бидам отворен за дебата. Каде ќе сака, кога ќе сака, во кој медиум ќе сака и Ахмети нека избере кој новинар ќе сака – јас ќе бидам таму”, изјави за „Журнал.мк” Зијадин Села.

По оваа покана, Али Ахмети за Журнал.мк кажа дека „на политичката сцена се појавиле многу лидери и оти не знае со кого да излезе на мегдан” и дека се срами од тоа што се случува на албанската политичка сцена во Македонија.

„Има многу лидери кај Албанците и јас не знам со кого да излезам на мегдан. Во опозиција останува и Билал Касами. Станавме срам за светот со десетици албански партии. Сериозно, се чувствувам засрамен кога имаме средби со претставниците на меѓународната заедница со десеттици политички лидери – Албанци во Македонија”, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети за „Журнал.мк.