„Нема сценарио за рушење на СЈО туку алчност – тврди лидерот на ДУИ кој и самиот е осомничен од Катица Јанева. Али Ахмети и неговата партија досега истакнуваа силни заложби за продолжување на работата на СЈО, а по притворањето на Јанева тој за првпат се впушти во коментари за аферата „Рекет“.
„Алчноста го уништува човекот. Нашиот народ има израз, извонредна филозофија, алчноста уништува се. Мислам дека тука е алчноста, според моја проценка не станува збор за никакво сценарио“ – вели Ахмети.
Ахмети и Јанева досега не се соочија во СЈО иако вештачењето за „Попис“ е завршено од пред три месеци, а тој не е повикан на распит.
ТВ24 повикувајќи се на извори од внатре, веќе објави дека токму Јанева неколкупати го одолговлекувала распитот на лидерот на интегративците, без да им ја образложи причината на колегите. Пред да стане осомничена, Јанева порача дека има десетина завршени истраги кои ќе покажат зошто некој со сите сили сака да го урне СЈО.
Во меѓувреме, акцијата во која „падна“ шефицата на СЈО останува фокус за партиските препукувања. Бизнисменот и осомничен во „Империја“ поради кој „пукна“аферата од соседството ги следи овие случувања веќе некое време. Орце Камчев се шета низ Бугарија, а неговиот исказ кој вчера протече јавно и денеска е топ тема за партиите.
Обвинителството и судот ќе испитуваат кој тајно го сликнал записникот.
По сите јавни преписки, власта и опозицијата на ден пред закажаната седница во Собрание, утре на пладне ќе се сретнат во уште еден обид да се усогласат за Законот за јавно обвинителство. Црвените линии на Заев се истрагите, а Мицкоски инсистира колегите на Јанева да не влезат во новиот состав во Обвинителството за гонење висока корупција