АХВ ќе ја унапредува соработката со Србија на полето на безбедноста на храната

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски денеска одржа работен состанок со директорката на Институтот за хигиена и технологија на месо од Белград, Република Србија Весна Ж. Ѓорѓевиќ и генералниот директор на компанијата за производство на месни производи „Златиборац“ Душан Кнежевиќ, како претставник на српската месна индустрија.

Целта, како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, е унапредување на соработката во делот на лабораториските анализи од областа на безбедност на храната и подобрување на трговската размена на македонските и српските месни производи.

На состанокот, како што се наведува, се разменија податоци за условите за трговска размена на производи од месо меѓу двете земји, за трендовите и лабораториските методи поврзани со проверка на квалитетот и безбедноста на производите од месо и барањата во националните законодавства од областа на безбедноста на храната на двете држави.

Првите луѓе на двете институции на состанокот договорија наскоро да се потпише меморандум за соработка меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за хигиена и технологија на месо од Белград.

„Со меморандумот ќе бидат прецизирани активностите за размена на податоци, знаење во однос на научните и техничките достигнувања, лабораториските анализи, во насока на зајакнување на системите за контрола и стручна соработка од областа на безбедноста на храната“, стои во соопштението.

На средбата, како што се наведува во соопштението, беше заклучено дека унапредувањето на статусот на здравствената заштита на животните на двете земји и поддршката на месната индустрија е од исклучително значење за пласман на производите од месо на пазарите на Европската Унија и пошироко