АХВ: Кучињата кои го усмртија осумгодишното дете се изолирани и ставени под надзор на ветеринар

Кучињата кои го нападнале осумгодишното дете во скопската населба Пинтија се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека тие се уредно идентификувани со микрочип. Официјален ветеринар ќе го испитува случајот и ќе врши проценка на околностите под кои се случил инцидентот.
– Лично како човек и како директор на АХВ изразувам најдлабоко жалење за трагедијата во кој згасна млад човечки живот. Од направениот увид утврдено е дека во немилиот настан учествувале две кучиња кои имаат сопственик. Кучињата се уредно идентификувани со микрочип и тие сега се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Дворот во кој се чуваат кучињата е соодветно заграден и на влезот е поставен предупредувачки знак „Пази куче“, вели директорот на АХВ Николче Бабовски.
Со контролата ќе се испитува и дали сопственикот на кучињата ги испочитувал одредбите од законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните и за здравствената заштита и благосостојба, односно дали се испочитувани условите пропишани во актуелната Годишна наредба за здравствена заштита на животните, условите за држење на кучињата од страна на сопственикот итн. Согласно Законот, се дава налог кучињата да се стават под официјален надзор за болеста беснило од страна на ветеринар за период од 15 дена, а по завршувањето на опсервацијата се издава сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животните во однос на болеста.
Двете кучиња од расата „англиски мастиф“ се регистрирани и во Кинолошкиот сојуз. Едното е увезено од Србија, а другото од Белорусија.