Агенцијата за храна и ветеринарство (AХВ) потсетува да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото јајцата и други, да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства.
Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.
По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер.
Граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната. Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Високите температури се опасност и за домашните животни и милениците. Тие претставуваат стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце.
Да се води сметка ако дојде до топлотен удар, животните да се сместат во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух. Да им се даде доволна количина свежа вода,а телесната температура да им се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
Сопствениците на домашни миленици животните да не ги оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот.
На фармите животните да се заштитат од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски, советува АХВ.