АХВ потврди дека во Зоолошката градина се нивни инспектори

Зоолошката градина во Скопје денеска е затворена, а како што се наведува во нивното известување залепено на самиот влез, причина се техничко оперативните работи. Сепак, во текот на денот дел од медиумите и на социјалните мрежи беше објавено дека скопската Зоолошка градина не работи поради сомнежи за бактерија или вирус кај птиците.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА потврдуваат дека во Зоолошката градина се нивни инспектори, но и дека исто така таму се изведуваат технички зафати. Засега не се соопштува која е причината за присуството на инспекторите во Зоолошката градина.

АХВ најавува дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста преку соопштение.

Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова за МИА вели дека до попладнево не добиле известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека има потреба нивни екипи да излезат на терен и да направат епидемиолошки анкети со вработените во Зоолошката градина. Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, „птичјиот грип“ се пренесува на луѓе.

– Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен, вели Андонова. Поранешниот директор на Зоолошката градина Ѓорги Галетановски на својот профил на Фесбук претпладнево напиша дека смртоносниот вирус „птичји грип“ е најден во Зоолошката градина во Скопје.