Заради спречување на евентуално пренесување на болеста туларемија, од која кај нас се регистрирани три заболени случаи, а во соседно Косово е прогласена епидемија, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците на домашни животни и миленици (особено на зајаци, глувци и други глодари), кај надлежниот ветеринар задолжително да ги пријават животните кои покажуваат невообичаени симптоми на треска, слабеење, оток на жлездите, рани на кожата и други симптоми.
Станува збор за болест опасна за луѓето, чии носители се стаорците (глодари), зајаци и но и други диви и домашни животни.
Туларемијата се пренесува преку директен контакт (допир) или ракување со мртви (угинати) животни кои се инфицирани, со каснување од инфициран крлеж, коњска мува или друг инсект, преку контаминирана храна и вода или со вдишување – преку инхалација со инфицирани аеросоли со бактеријата која предизвикува туларемија.
Првите симптоми кај луѓето кои вообичаено настапуваат за три до пет дена се ненадејна треска и грозница, отечени и болни жлезди, главоболка, повраќање и дијареа, болки во мускулите и зглобовите, сува кашлица, малаксаност. Може да се јават и рани по кожата и устата, воспалено грло, отеченост и болка на очите или на жлездите на вратот како и под пазувните жлезди.
Во подоцнежните фази болеста може да премине во пневмонија, проследена со недостаток на здив, дишење проследено со болка во градите и искашлување на крвав исцедок (шлајм).
Туларемијата не се пренесува од човек на човек.
Болеста може да ја пренесат и мушички, крлежи или комарци, а бактеријата предизвикувач на туларемија, може да опстане во почвата, водата или во угинатите животни и по неколку недели.
За заштита се препорачува спречување на касањето на инсектите со употреба на репеленти (средства против инсекти). Облеката да се испрска облеката со репелентно средство кое содржи перметрин. Се препорачува и често миење на рацете со сапун и топла вода особено по манипулација со угинати животни, консумација само на добро термички обработена храна и употреба да чиста, хигиенски исправна вода од проверен извор.
Согласно годишната наредба за здравствена заштита на животните, ловечките друштва, концесионерите на ловиштата и националните паркови се должни да ги испратат зајаците угинати во ловиштето на лабораториско испитување на болестите Туларемија, Хеморагична болест кај зајаците и Миксоматоза. Трошоците за лабораториското испитување се на товар на Програмата за користење на средствата за здравствена заштита на животните.
Досега Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување за позитивен лабораториски наод за туларемија.