
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи на Црна Гора, утре, среда, 26.04.2023 година, во село Петровец, Општина Петровец ќе спроведат заедничка симулациска вежба за болеста лигавка и шап. Таа ќе се организира во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО (Food and Agriculture Organization) и Европската комисија за контрола на болеста лигавка и шап, European Commission for the Control of Foot-and-Mouth Disease (EuFMD), соопштија од АХВ.
-Ја известуваме јавноста и локалното население во село Петровец, дека ова НЕ Е РЕАЛНА СИТУАЦИЈА и не претставува случај на појава на болест, односно активностите кои ќе бидат преземени утре, од страна АХВ се поврзани исклучиво со реализација на симулациската вежба. Преку оваа вежба, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги и работни задачи на учесниците, ќе се реализираат активности кои би се презеле во случај на појава на болеста лигавка и шап.
Во четврток (27.04.2023 година) ќе се направи евалуација на подготвеноста на планот за итни мерки за лигавка и шап кој се применува од двете земји учесници на симулациската вежба. Целта е да се констатираат добрите и слабите страни на одговорот при појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки, односно катастрофи кои го загрозуваат здравјето и благосостојбата на животните. На симулациската вежба ќе присуствуваат претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од Ветеринарната комора на РСМ и Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, како и експерти од Република Црна Гора и ЕУ, информираа од АХВ.