Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите на Љупчо Николовски од СДСМ изнесени на денешната прес конференција, дека Агенцијата за храна и ветеринарство води како што вели тој, катастрофална негрижа за безбедноста на храната.
Ви ја пренесуваме целосно реакцијата од АХВ:
Во недостаток на идеи како да ја пополни партиската агенда на настани, и овој пат Николовски, немајќи елементарно познавање од областа, нестручно се обиде да ги изманипулира граѓаните, не само дека храната која ја консумираат наводно не е безбедна, туку и дека пазарот е преплавен со ГМО.
Добро ќе беше пред да излезе на прес конференција Николовски да се информира дека македонското законодавство кога е ГМО храната во прашање е порестриктивно и од европското. Во Република Македонија целосно е забрането производството, увозот и ставањето во промет на ГМО храна или храна која содржи ГМО состојки.
Убаво е заради сопствениот и партискиот имиџ, Николовски да научи и дека во нашата земја, ниту досега, ниту во блиска иднина ќе се произведува ГМО храна, а што се однесува на увозот, на пазарот во земјава може да се увезе само храна за која со сертификат се гарантира дека не е ГМО ниту дека содржи ГМО состојки, стои во соопштението на АХВ.