Академија ФМП избори полуфинале на кошаркарскиот куп

По нецели пет минути, кошаркарите на Навико Академија ФМП се стекнаа со убедливи (16:5), и го примораа Горан Самарџиев, тренерот на Еуро Никел 2005 уште во таа најрана фаза од натпреварот да побара тајм-аут. Но кавадарчани брзо се вратија во игра, намалија на (21:19).

Сепак, условно кажано, домашната екипа, го одбрани тој напад, и на истекот на периодот имаше сосема солидни (26:21).

На средината од втората четвртина двете екипи одново се изедначија според бројот на дадени поени, по 34, потоа имаа и по 39. Во 18.минута кавадарчани поведоа со четири поени (45:41). Но се до истекот на првото полувреме, немаше нови сериозни резултатски „отскокнувања“. Освен нова промена на водството, по тројката на разиграниот Ајви (негов 15. поен во првото полувреме).

Американецот беше најзаслужен што Навико Академија ФМП имаше уште повисоко водство (49:45) по 20.минути игра.

Тука не застанаа „лавовите“ од Кисела Вода. По тројката на Крстајиќ, имаа и највисоки (59:48) во 24.минута. Искусниот бек беше третиот играч во тимот на Александар Петровиќ, покрај Ајви и Бакоч, кој ја надминаa бројката од најмалку десет поени. Имаа и уште повисоки (69:53), но до крајот на тој дел од четвртфиналето, кавадарчани таа негатива ја сведоа на поднослива. Во последната четвртина влегоа со „само“ осум минусни поени (63:71).

По тројката на Дубински веќе беа на два чекори зад ривалот (72:74). А до крајот требаше да се играат цели осум минути. Серијата од (12-3) за 2:40 минути го донесе пресвртот, Еуро Никел 2005 поведе со (75:74).

За кратко, затоа што резултатската „клацкалка“ отиде на страната на Навико Академија ФМП – (79:76). А тројката на Темелковски, 14. тимска, ги донесе уште поблиску до ново учество во Куп-полуфинале. Имаа солидни (88:82) на 2:15 минути до крајот.

Но тој беше далеку, следуваше брз одговор на екипата од Кавадарци. Со четири врзани поени, на 1:11 минути пред последниот звук на сирената беа на само „еден посед“ блиску до противникот. Крстајиќ зголеми на (89:86), по неуспешниот обид на Соколов, Ајви беше половичен од линијата за слободни, за (90:86). Калахан беше фаулиран во обид за тир поени. Ги погоди првите две, не ни ттретото, за (90:88).

Пресудата ја изрече Крстјиќ, за конечни (91:88)