Aкција за собирање кабаст отпад во општина Чаир

Во текот на изминатиот викенд екипите на ЈП „Комунална хигиена“, во координација со општината Чаир, спроведоа  акција за собирање кабаст отпад (мебел, стара електрична и електронска опрема) во оваа скопска општина.

Градот Скопје заедно со ЈП„Комунална хигиена“  преку своите програми за одржување на хигиената на градот и подигање отпад  почна еден нов начин на организирано третирање на кабастиот и инертниот отпад на територијата на градот.

Имено, сите граѓани на  Скопје имаат можност 4 пати во годината бесплатно, на определени локации и договорени термини, односно до 11 часот претпладне,  да ги остават сите свои стари и непотребни предмети со погабаритни големини, односно различен вид  стар мебел, стари електрични апарати, како и инертен отпад од реновирање кој е уредно спакуван во вреќи.

kabast-otpad-1-2

Од град Скопје информираат дека граѓаните во текот на годината во кое било време  можат да се јават и да ги повикаат екипите на ЈП„Комунална хигиена“  да дојдат и да го  подигне овој вид отпад од нивните домови, но со симболична наплата на услугата.

Исто така, оттаму напоменуваат дека самите граѓани имаат можност бесплатно во кое било  време со свој превоз овој вид на отпад да го одложат во рециклажниот двор во Карпош и во новоизградениот Рециклажен двор во Вардариште.

Акциите за собирање кабаст отпад по општините ќе се одвиват според следниов план за работа на ЈП „Комунална хигиена“ :

– Општина Центар – 19 и 20 февруари,

– Општина Аеродром – 26 и 27 февруари,

– Општина Кисела Вода – 4 и 5 март,

– Општина Гази Баба – 11 и 12  март,

– Општина Бутел –   18 и 19  март,

– Општина Шуто Оризари-25 и 26  март.