Акционерите на компанијата сопственик на платформата за микроблогирање „Twitter“, ги тужат американскиот претприемач Илон Маск и самата компанија поради реализацијата на планот за менување на сопственоста на социјалната мрежа, кој сѐ уште не е завршен и придонесува за колебање на цената на акцијата на компанијата, пренесува американската телевизиска мрежа CNBC News.
Во колективната тужба поднесена во средата, во која увид имала телевизијата, акционерите на „Twitter“ тврдат дека Маск го прекршил корпоративното законодавство на американската сојузна држава Калифорнија и на дека манипулирал со пазарот.
Дополнително во тужбата се наведува дека Маск ги прекршил законите на сојузната држава со тоа што посеал сомневања дали ќе ја заврши зделката по потпишување на договорот.
Советот на директорите на „Twitter“ на 15-ти април донесе план за заштита на акционерите, таканареченото „отровно апче“, кој требаше да го спречи несаканото преземање на компанијата од страна на Маск.
Сепак, на 25-ти април, социјалната мрежа објави дека е постигнат договор, според кој Маск ќе купи удел во „Twitter“ за 44 милијарди долари, односно 54,2 долари по акција. Веќе на 13-ти мај Маск објави дека го суспендира договорот, бидејќи, како што наведе тогаш, сака да се увери дали спам и лажните сметки на мрежата ќе бидат помалку од 5 отсто. Акцијата на „Twitter“ по оваа информација веднаш загуби 20 отсто од вредноста.
Во тужбата, исто така, се забележува дека поплаките на Маск за ботовите на социјалната мрежа биле дел од шемата направена со цел во текот на преговорите да се издејствува поповолна цена или да се поткопа целата зделка.
„Маск продолжи да дава изјави, објавува твитови и да се вклучува во активности дизајнирани да фрлат сомнеж во договорот и значителни да ги намалат цените на акциите на ‘Twitter’, со цел да создаде лост кој Маск се надеваше дека ќе го искористи или да се повлече од договорот или да преговара за договорот“, цитира телевизијата дел од тужбата.
Како што се наведува, според законот на Калифорнија, корпорациите мора да ги исклучат од гласањето за секој предлог оние членови од одборот на директори кои извршиле какви и да се незаконски дејствија поврзани со овие предлози.
Ниту Маск, ниту од „Twitter“ засега не ја коментираа тужбата.