Aкцискиот план за Договорот со Бугарија е готов, на ред е меѓувладина конференција

Германија и понатаму останува директен играч во преговорите меѓу Скопје и Софија.

Германската амбасадорка Анке Холштајн објави дека во моментот се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни, во тесна соработка со португалското претседателство за отворање на европската врата за Македонија. Холштајн е убедена дека само интензивна соработка меѓу Скопје и Софија може да резултира со старт на преговорите.

– Оваа соработка ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да можеме да ја одржиме првата конференција за пристапување. Јас сум убедена дека тоа ќе успее. Како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи. – вели Анке Холштајн амбасадор на Германија.

Следната недела ќе има средба помеѓу Османи и Захариева. Двајцата заеднички ќе утврдуваат кога ќе се случи македонско – бугарската меѓувладина конференција, на која ќе се усвои акцискиот план. Станува збор за усогласен акциски план кој се базира конкретно на секторско ниво, додека историјата и политичките теми засега остануваат надвор од документот

Премиерот Заев денеска и одговори на Захариева, која кажа дека нереформирана Македонија во ЕУ ќе им служи на руските интереси, како и дека во земјава се добиваат избори со антибугарска реторика.

– Можам да кажам дека само со пријателски наратив, со подадена рака, со политики кои и за време на кампањи и избори биле за градење на пријателство со сите соседи и со Бугарија, добивавме избори. И еве, потврдивме добивање избори на 15 јули 2020, и тоа кажува какви сме ние. Очекувам соседите да бидат пријатели, од нас можат да очекуваат само пријателство. – изјави Зоран Заев премиер на РСМ.

Шефицата на бугарската дипломатија и денеска не остана без зборови. Се сврте кон  односите Скопје – Белград и  во интервју за бугарски медиум  изјави дека во Македонија постои тенденција за приближување до српскиот јазик, бизнисот и институциите.

– Овој тренд не запре во последните 30 години и ова е разбирливо. Но, целта на Бугарија не е да им ги расипе нивните пријателски односи. Нека бидат пријатели. Ние само сакаме да имаме пријателски однос. Ајде сите да бидеме пријатели, да бидеме поврзани и да градиме заедно. – изјави Екатерина Захариева МНР Бугарија.

Во меѓувреме работата на историската комисија продолжува – се подготвува нова средба која е закажана за 25 и 26 февруари. Македонско – бугарските историчари повторни ќе се бидат да ги изложат фактите на маса и да донесат компромисно решение за Делчев и за записниците кои не се усвоени.