Јакимовски: Четворица советници на СДСМ во Центар добиле општински пари, синот на Фрчкоски е меѓу нив

-Читам четири советници од актуелниот Совет на Општина Центар, земале пари за лечење за свој член од фамилија од буџетот на Општина Центар. Овие одлуки се донесени од истиот оној совет во кој се и тие членови, открива екс градоначалникот на општина Карпош и екс министер за економија и труд и социјала Стевчо Јакимовски.

Актуелниот лидер на ГРОМ тврди дека меѓу оние кои земале пари е и Јон Фрчкоски, синот на професорот Љубомир Фрчкоски, несудениот македонски амбасадор во Вашингтон.

-Овие одлуки се 102,6 % спротивни на законот за судир на интереси. Советниците кои си донеле одлука да се доделат пари на нивните семејства имаат конфликт на интереси. Чудно е како секретарот и правната служба на Општина Центар не го советувале градоначалникот да ги стопира овие незаконски одлуки. На потег е Комисијата за спречување на корупција а можеби и потпреседателот на Владата задолжен за борба со корупција, Љупчо Николовски. Наместо да брои вода и кафиња може да се позанимава со своите партиски колеги од Општина Центар”, стои во статусот на Јакимовски посветен на скандалот во општина Центар.