Синот на градоначалникот општина Карпош, Стевчо Јакимовски, Дамјан Јакимовски е вработен во М-НАВ, потврдиле од компанијата за „Фокус“.
-Лицето Дамјан Јакимовски беше единствен кандидат на конкурсот кој јавно беше објавен во весниците Вечер и Коха, каде ги исполнуваше условите за истиот и по завршување на огласот беше вработен во М-нав, одговориле од М-НАВ на Фокус.
Претходно, медиумите пишуваа дека Јакимовски си го вработил синот во М-НАВ за плата од 100.000 денари, но тогаш Јакимовски, исто во изјава за Фокус ја демантирал таа информација.
Сега, откако од компанијата се огласиле со позитивен одговор, и Јакимовски признал за вработувањето на својот син, но, сепак дал мала исправка во однос на плата, бидејќи наводно не земал 100.000 туку само 50.000 денари.
Тој во изјава за „Фокус“ исто така кажал дека син му работи во човечки ресурси, имал завршено економски факултет и 7,5 години искуство.
М-Нав е македонската државна компанија што го контролира македонското небо во смисла на воздухопловна навигација, и е позната по тоа што таму се делат највисоките плати во Македонија, во просек од над 3.000 евра.
Македонски навигации има овластување од државата да го одржува редот на македонското небо и да ги организира и диспечира прелетите. Токму за тоа и наплаќа такси од сите оние авиокомпании чии воздухоплови прелетуваат низ нашата воздушна територија.